Дефинитивно ова ќе биде најбурно лето за Диего Симеоне откако е на клупата на Атлетико Мадрид. Веќе се најавени заминувањата на Диего Годин, Лукас Ернандес, Хуанфран, Алваро Мората ќе биде вратен во Челзи, додека и Диего Коста можно е да добие исписница. Најголемо разочарување во таборот на Јорганџиите е одлуката на Антоан Гриезман, кој посочи дека бара нов предизвик, а сè поизвесен е неговиот трансфер во Барселона.
Но, Ел Чоло гледа светлина на крајот од тунелот. Реконструкцијата на составот на Атлетико би можела да започне од Пауло Дибала. Имено, тие наводно започнале преговори со ѕвездата на Јувентус, а првата понуда е петгодишен договор со плата од 9 милиони евра по сезона, плус бонуси.
Дибала, пак, го чека крајниот епилог околу судбината на тренерот Макс Алегри. Ако тој остане да ја води „старата дама“, Аргентинецот дефинитивно ќе биде продаден. Дибала им е интересен и на неколку клубови од Англија, како и на ПСЖ и Баерн Минхен.