Асоцијацијата на тениски професионалци, АТП, го одобри менувањето на системот на бодување, па во наредниот период Шпанецот Рафаел Надал ќе си добие многу гратис бодови, дури и ако потфрли на претстојните турнири. Со новиот систем ќе се важат резултатите од март 2019 до декември 2020, а ако некој тенисер на турнир оствари полош резултат од лани, за АТП-листата ќе му се сметаат поените кои ги освоил во минатата година.
Ова значи дека во трката за првото место на АТП-листата, Надал ќе биде во предност во однос на Ѓоковиќ бидејќи имаше подобар финиш на минатата сезона. На пример: ако Надал годинава испадне рано на Ролан Гарос, за АТП-листата ќе му се смета ланскиот резултат и тој ќе добие поени како да го освоил турнирот бидејќи во 2019 го освои. За Ѓоковиќ, позитивно е што ги задржува поените од Вимблдон, кој го освои лани, а годинава тој гренслем нема да се игра.
Во моментов, на замрзнатата АТП-листа лидерот Ѓоковиќ има 370 бода предност во однос на вториот Надал. Сезоната треба да продолжи на 14 август во Вашингтон, а потоа следуваат Синсинати, Отвореното првенство на САД, Кицбил, Мадрид, Рим и парискиот Ролан Гарос.