Прославениот хрватски кошаркар и тренер Александар Петровиќ на „Твитер“ изнесе план како да се спаси од пропаст загрепската Цибона. Цибосите се пред стечај, сметката на клубот два месеци е блокирана и не може да добие концесија на салата која е во сопственост на градот Загреб.
Салата во која игра Цибона се вика „Дражен Петровиќ“, во чест на братот на Александар, кој исто така во минатото го носеше дресот на двократниот европски првак Цибона.
„Емоциите не може да ја спасат Цибона, но финансиите можат. Ајде ние 2.000 кои сме финансиски во состојба да платиме по 5.000 евра, да го направиме тоа и да го покриеме долгот и да имаме солиден буџет за следната сезона. Не мислам само на физички лица, туку и на деловни субјекти, на градот и на државата“, напиша Петровиќ.
Неодамна Цибона ја освои 20-тата титула во Хрватска, но на клубот му се заканува гасење.