Аурелио Де Лаурентис и играчите на Наполи, вклучувајќи го и Елиф Елмас имаа состанок пред мечот со Болоња, викендов во Серија А и има затоплување на односите на двете завојувани страни, но казните остануваат.
Сопственикот на клубот е задоволен од настапот на неговите играчи на дуелот со Ливерпул, но и по ремито на „Енфилд Роуд“ не попушта кога се во прашање паричните казни за фудбалерите.
Играчите и нивните менаџери се обиделе да издејствуваат да се избришат казните кои се драстични, но не успеале. Следен предизвик е да се победи Болоња, а потоа против Генк со триумф да се избори пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите, за потоа да се има дополнителен аргумент.
Де Лаурентис драстично ги казни фудбалерите, кои одбија да бидат во карантин, а најмногу настрадаа Бразилецот Алан и италијанскиот репрезентативец Инсиње кои ќе добијат 200 илјади евра помалку од парите што им се според договорот загарантирани. Казнет е и Елмас, а најавено е дека тој ќе има и уште една казна за давање изјави во екот на наредбата од Лаурентис да има молк кон медиумите.