Бразилскиот интернационалец, Нејмар, со трансферот во Саудиска Арабија стана еден од најплатените фудбалери во светот, но за Ал-Хилал настапи само на пет натпревари. Следуваше повреда и долго закрепнување, но Арапите сè уште се надеваат дека тој ќе се врати и ќе го одработи до крај договорот што го има потпишано, а е со важност до летото 2025 година.
Сепак, Нејмар веќе ги известил своите менаџери дека нема намера да се врати во Саудиска Арабија, но и каде сака да ја продолжи кариерата. Иако подолго се шпекулираше дека тоа ќе биде неговиот матичен клуб, Сантос, сепак изборот на Бразилецот е Барселона, клубот каде што постигна 105 гола на 186 средби, но и каде што ги освои сите можни трофеи.
Ваквата одлука на Нејмар предизвика големо изненадување во фудбалскиот свет, но останува да се види како ќе биде изведен овој трансфер, со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓаат Каталонците, но веројатно и тоа е една од причините поради кои Нејмар сака да се врати во Каталонија. Целта на Бразилецот е да биде главниот фудбалер на Барселона и да ја врати старата и препознатлива форма во која се наоѓаше.