Играчите и целата експедиција на Манчестер сити, наместо вчера, денеска ќе полета за Кина, каде ќе престојува на подготовки во текот на наредната недела. „Граѓаните“ имале непријатност на аеродромот во Манчестер, и откако неколку часа останале таму, на крај им кажале дека не може да одлетаат за Шангај.
Засега планот е тимот и раководството (експедицијата брои 26 члена) да отпатуваат денеска, но не е 100 проценти сигурно дека и денеска ќе добијат дозвола за користење на воздушниот простор. Од клубот испратија кратко соошштение, во кое се наведува дека поради административен проблем кој не е во ингеренција на клубот, турнејата ќе мора да ја почнат малку подоцна од предвиденото.
Првиот меч во Кина им е закажан за в среда во Нанжинг против Вест Хем, а потоа треба да играат в сабота, по што ќе заминат во Хонг Конг.