Австрија со 3:1 ја победи Полска во меч од второто коло на групната фаза на Европското првенство. Со оваа победа Австрија стигна до три бода и ги задржа реалните шанси дека може да игра во нокаутфазата, додека за Полска останува само теорија дека ќе остане на континенталниот собир по завршување на третото коло.
Австриците одлично го отворија мечот и по само девет минути стигнаа до водство и тоа благодарение на голот на дефанзивецот Трауер со глава.
Полјаците тргнаа поофанзивно со надеж да израмнат и тоа се случи во 30 минута. По еден корнер на Полска, долго траеше акцијата, која на крајот со гол ја заврши Пјонтек, па на полувреме се замина со резултат 1:1.
Ремито не беше резултат кое го посакуваа двата тима, па беше јасно дека ќе тргнат со сите сили за освојување на трите бода. Во 60 минута во тимот на Полска влезе првата ѕвезда Роберт Левандовски, но тоа не донесе ништо посебно во играта на нивниот тим.
Австриците беа многу поконкретни и во 66 минута Баумгартнер донесе нова радост за фановите на оваа земја откако погоди за водство од 2:1. Сите надежи за Полска згаснаа во 78 минута кога беше досуден пенал за Австрија, а капитенот Марко Арнаутовиќ беше прецизен за предност од 3:1, по што беше јасно дека Австрија на крајот ќе се радува на трите бода.