Австрискиот селектор ја пофали борбеноста на македонските ракометари

Како што Македонија веќе ја започна анализата на следниот противник Австрија, така и Австријците ја скаутирале нашата селекција.

Нивниот селектор, некогашниот словенечки репрезентативец Алеш Пајовиќ, верува дека може да се борат за место во четвртфиналето, но предупреди дека е можно и најцрно сценарио за нив по преселбата во Вараждин, каде што Македонија, Унгарија и Холандија се одомаќинети и одиграа по три меча во таа сала.

„Јас не сум тренер кој бара изговори и се жали. Секако дека болат отсуствата на Никола Билик, Јанко Божовиќ и Борис Живковиќ, но сега сите мора да придонесат повеќе и токму тоа го прават. Оган, срце, борба, енергија од клупата ако продолжиме вака, оптимист сум дека можеме да освоиме бодови и во Вараждин. Унгарија, Холандија и Македонија се тимови против кои дефинитивно имаме шанса. Можеме да ги добиеме сите три натпревари, но можеме и да ги загубиме сите три“, вели Пајовиќ, кој смета дека средбите ќе бидат израмнети.

Прв ривал им е Македонија, чиј тим има просечна возраст од 25,5 години.

„Тие се борбени исто како моите момчиња. Очекувам тежок меч“, анализира Словенецот, кој смета дека Унгарија е посилна од Македонија и Холандија.

Инаку Австрија во првата фаза ги победи Кувајт (37-26) и Катар (28-26), а загуби од Франција со 27-35.

- Оглас -

Најнови вести