Божовиќ: Лазаров е многу опасен, но верувам дека може да ги победиме Македонците

Австриските ракометари се полни со респект кон македонската репрезентација, но сепак домаќините веруваат дека може да стигнат до победа со која сигурно ќе бидат први во групата и ќе пренесат два бода за во главната фаза. Бековите Никола Билик и Јанко Божовиќ се двајцата најопасни играчи во составот на Австрија.

Божовиќ многу добро го познава македонскиот ракомет, но и дел од нашите репрезентативци затоа што во минатото беше играч на Металург. Тој потенцира дека Лазаров е најопасниот играч на Македонија, но и дека Австрија има сили да стигне до победа.

„Ништо не е завршено, иако имаме две победи и сме први во групата. Нè чека натпревар со Македонија, а последните меѓусебни натпревари немаа позитивен исход за нас. Ќе биде многу тешко. Се работи за репрезентација која го има еден од најдобрите десни бекови на светот Кирил Лазаров. Но, не е само Лазаров, имаат и други квалитетни играчи, играат агресивно во одбрана… Реков ќе биде многу, многу тешко. Нашата сила е тимскиот дух, играме сите за еден, гинеме, а имаме и одлична поддршка од навивачите. Секако дека сакаме денеска да победиме и да пренесеме два бода во групната фаза. Победата на Чешка над Македонија ни дава надеж, но ќе кажам уште еднаш, ќе биде многу тешко, нè чека голема борба“, вели Јанко Божовиќ.

- Оглас -

Најнови вести