Автогол го одведе Челзи во полуфиналето на Светското клупско првенство (Видео)

Фудбалерите на Челзи изборија пласман во полуфиналето на Светското клупско првенство откако го совладаа Палмеирас со 2-1, во натпревар одигран во Филаделфија.

Сините од Лондон поведоа уште во 16-тата минута, кога Кол Палмер со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ја затресе мрежата на Веверсон. Англискиот тим продолжи со офанзивен пристап, а бразилскиот голман спречи зголемување на резултатот со неколку одлични интервенции.

Во второто полувреме, Палмеирас заигра поофанзивно и тоа даде резултат во 53-тата минута. Младиот Естевао, кој веќе има договорен трансфер во Челзи, постигна прекрасен гол и го израмни резултатот. Тоа беше негов момент на блесок, кој ги потврди неговите квалитети и потенцијалот што го препозна лондонскиот клуб.

Решавачкиот момент се случи во 83-тата минута, кога ударот на Мало Густо беше блокиран од дефанзивец на Палмеирас, а топката потоа несреќно се одби од голманот Веверсон и заврши во мрежата за конечни 2-1.

Во последните минути Палмеирас се обиде да се врати во игра, но не успеа да создаде сериозна шанса. Челзи мудро го контролираше темпото, а дури и беше блиску до трет погодок, откако Мадуеке ја погоди стативата, а Веверсон одбрани обид на Жоао Педро.

Со овој триумф, тимот на Енцо Мареска ќе се соочи со Флуминенсе во полуфиналето, откако бразилскиот претставник го совлада Ал-Хилал со 2-1.

- Оглас -

Најнови вести