Холандскиот АЗ Алкмар е вториот полуфиналист на Конференциската лига, откако дури после изведувањето на пеналите го елиминира Андерлехт. Белгијците имаа предност од 2-0 од првиот натпревар, но таа беше анулирана после само 13 минути игра на денешниот натпревар. Најзаслужен за тоа е грчкиот интернационалец Вангелис Павлидис кој стрелаше прецизно во 5-тата и 13-тата минута.
Откако мечот и после продолженијата од два пати по 15 минути заврши со 2-0, се премина кон изведување на пеналите. Фудбалерите на АЗ Алкмар беа далеку поуспешни и ги реализираа сите четири пенали. За Андерлехт прецизен беше само Кана, додека Вертонген и Сардела не успеаја да реализираат од белата точка.
АЗ Алкмар и се приклучи на Фиорентина во полуфиналето од Конференциската лига и за противник ќе го има подобриот од дуелот помеѓу Вест Хем и Гент.