Еден од најдобрите фудбалери во изминативе 10-тина години, Еден Азар, изненадувачки му кажа збогум на активното играње фудбал само на 32 години. На 10 октомври минатата година Азар објави дека веќе не планира професионално да игра и се повлече.
Азар имаше блескави моменти во дресот на Лил и Челзи, а потоа кога дојде во Реал Мадрид, се соочи со многу повреди, ја загуби препознатливата форма и ретко играше.
„Мора да се послушаш себеси и да кажеш дека е доста во вистинско време. По 16 години и повеќе од 700 одиграни мечеви, одлучив да ја завршам професионалната кариера“, изјави Азар, кој моментално ужива без фудбалот, но и понатаму е актуелен кога се работи за најважната споредна работа во светот.
На покана од неговиот прв клуб, Лил, Азар замина во Франција, каде што присуствуваше на преименувањето на тренинг-центарот на овој клуб, кој сега го носи името „Еден Азар“. Белгиецот дебитираше за Лил во 2007 година, а одигра вкупно 194 меча, во коишто имаше биланс од 53 гола и 50 асистенции. Двапати ја добиваше наградата за најдобар играч во француското првенство, а беше еден од најзаслужните што Лил во 2011 година ја освои титулата во првенството и во Купот.
Eden Hazard’s moment 🥹🇧🇪❤️ pic.twitter.com/QFEr178Nzh
— Ligue 1 English (@Ligue1_ENG) March 10, 2024
Како оддолжување за тоа што Азар го направи за Лил, од клубот решија тренинг-теренот да се вика по легендарниот фудбалер. На церемонијата Азар одржа и краток говор, и тоа во негов стил.
„Можам само едно да кажам. Ова е теренот Еден Азар. Значи, сала за бежбање и трчање овде се забранети. Само фудбал и скршени зглобови“, рече Азар, алудирајќи на тоа дека тој беше познат како играч кој не сакаше многу да работи во сала за вежбање, но едноставно беше одличен фудбалер чија кариера на крајот ја одбележаа честите повреди.