Белгиската суперѕвезда Еден Азар повтори дека не знае каде ќе игра во следната сезона и неговиот сон и понатаму е да игра за Реал Мадрид. Договорот на 27-годишниот Азар со Челси е до летото 2020 година.
Игрите на Азар сезонава во Премиер лигата се импресивни, тој е прв стрелец, неспорен лидер на лондонските „сини“ и најзаслужен што тимот на тренерот Сари е во редот на најсериозни кандидати за титулата.
„По успешното Светско првенство, реков дека мислам дека е време да ја променам клупската средина. Во моментов сум во добра форма, играм добар фудбал. Не сакам да лажам, Реал Мадрид е најдобриот клуб на светот и уште од дете сонувам да играм за тој клуб. Ќе видиме што ќе донесе иднината, и да останам во Челси, и да заминам во Реал, ќе бидам среќен. Нема да кажам дека останувањето во Челзи ќе ме направи несреќен. Ќе треба да се донесе тешка одлука за мојата иднина, во јануари полнам 28 години“, рече Азар.
Неговиот пријател и репрезентативен колега, Тибо Куртуа веќе премина во гигантот од Мадрид, а Азар е еден од десетте најдобри стрелци во историјата на Челзи. Понудата од Челзи му е плата од 300 илјади фунти неделно и како што стојат работите, би ја одбил само ако му се јават од Реал.