Азар одлучи, но не кажа каде ќе ја продолжи кариерата

Ѕвездата на Челзи, Еден Азар, по сите изгледи ја донел конечната одлука околу својата иднина. Во интервју за француското радио „Монте Карло“, Азар истакнал дека знае што ќе прави по крајот на оваа сезона, меѓутоа не обелодени дали ќе остане во Лондон или пак ќе си го исполни сонот и ќе го облече дресот на Реал Мадрид.

„Знам што ќе правам по крајот на сезоната. Донесов одлука“, во кратки црти изјавил Азар.

Белгиецот долго време се поврзува со преселба на „Сантијаго Бернабеу“ и во повеќе наврати флертуваше со Кралскиот клуб истакнувајќи дека уште од дете сакал да игра за Реал. Но, исто така неколку пати спомна дека нема ништо против да остане во Лондон и да ја продолжи кариерата со „сините“.

Неговиот договор истекува по крајот на сезоната 2019/20, преговорите околу нова соработка со Челзи засега се ставени во мирување, а исходот од оваа сезона може многу да влијае врз неговото заминување или останување. Доколку не стави потпис на нов договор, управата на Челзи ќе биде принудена да го продаде Азар со цел да заработи, наместо да остане со празни раце.

- Оглас -

Најнови вести