Големи се шансите Еден Азар да не се појави на натпреварот кој Реал Мадрид во петок вечерта ќе го игра на домашен терен против Алавес и на кој на домашните ќе им треба победа за доближување до 34-тата шампионска титула во шпанската лига. Белгиецот ги пропушти претходните два меча со Хетафе и Атлетик поради болки во стапалото и глуждот на десната нога.
Скапо платеното крило кое пропушти 24 меча сезонава, денеска не го комплетираше тренингот на терен и утре ќе се знае дали ќе може да настапи против Алавес или не. Тој се пожали на болки, а докторите на Реал не откриле никаква повреда. Сепак, фудбалерот тврдел дека психолошки е добар и болките не се од страв, туку вистина има некаков проблем.
На 5 март Азар имаше операција на глуждот и тренерот Зидан не сака ни малку да ризикува со него, па ако Азар не е целосно подготвен, нема да биде во составот. На листата на повредени кај Реал е и Начо, суспендирани се Серхио Рамос и Карвахал, а Јовиќ мора да оди во карантин и за него оваа очајна сезона е завршена.