Азербејџан е противник по мерка – Немаме пораз, а против нив успешно го сефтосавме и ВАР системот (Фото)

Македонија во интересен термин од 14 часот, утре во Скопје ќе игра против Азербејџан и тоа по седми пат, а ќе се обидеме да го сочуваме ореолот на непобедливост против познат ривал.

Ќе се игра на „Тодор Проески“ арена и досега имаме три победи и три нерешени, без пораз против оваа репрезентација.

Последен пат игравме против Азербејџан во март 2018 година на „Мердан арена“ во Анталија, Турција и ремизиравме 1:1.

Тој меч ќе се памети и по фактот дека за првпат на меч на кој играла Македонија де користеше ВАР технологијата и тоа успешно за нас.

Легендарниот турски судија Џунејт Чакир беше главен во ВАР собата и сугерираше да има пенал над Горан Пандев во 22. минута, а се прегледуваше дали фаулот е надвор од линијата на 16-от, или внатре, по што сепак беше покажано на белата точка.

Александар Трајковски погоди од 11 метри и израмни на 1:1, што беше и конечен резултат.

Претходно Ричард Алмеида со гол во шесттата минута му донесе предноста на Азербејџан.

Интересно е што и тогаш игравме два пријателски дуели на мини-подготовките во Турција, а ривалите ни беа исти како и сега, Финска и Азербејџан.

Тогаш со Финците ремизиравме без голови, а со Аербејџан одигравме 1:1.

Со оваа селекција имаме победи од 3:0 и 3:1 на наш терен, една победа во Баку од 1:0 и три нерешени, еднаш без голови и двапати со по 1:1.

Утрешниот меч ќе ни биде последен тест пред стартот на квалификациите за ЕП 2024 кои ги почнуваме на 23. март со меч против Малта во Скопје.

Во нашата група се уште и Италија, Англија и Украина.

 

- Оглас -

Најнови вести