Аѕурите ќе ја бранат титулата на ЕП без две големи ѕвезди, но затоа повика играч кој сезонава одигра само 360 минути

Селекторот на фудбалската репрезентација на Италија, Лучано Спалети, го објави поширокиот список со 30 фудбалери за Европското првентство кое летово ќе се одржи во Германија, и на него нема две ѕвезди.

Спалети одлучи титулата да ја брани без Марко Верати и Чиро Имобиле кои беа дел од Аѕурите пред три години кога ја освоија европската титула.

Верати кој минатото лето потпиша за катарскиот Ал-Араби, не е повикан во репрезентацијата од јуни 2023 година, додека Имобиле откако Спалети стана селектор, само еднаш беше повикан во репрезентацијата.

На, списокот се најде фудбалерот на Јувентус, Николо Фаџоли. Фаџоли кој се смета за еден од најталентираните италијански фудбалери, сезонава одигра само 360 минути бидејќи беше суспендиран поради илегално обложување.

Спалети до шести јуни ќе мора да го скрати списокот на 26 фудбалери со кои ќе игра на ЕП каде е во групата Б заедно со Шпанија, Хрватска и Албанија.

Пред настапот на ЕП, Италија ќе одигра два контролни натпревари, против Турција (4 јуни) и против БиХ (9 јуни). Во првото коло, Аѕурите ќе играат против Албанија на 15-ти јуни, на 20-ти против Шпанија, а на 24-ти јуни против Хрватска.

Список на повикани фудбалери:
Голмани: Џанлуиџи Донарума (ПСЖ), Алекс Мерет (Наполи), Иван Проведел (Лацио), Гиљелмо Викарио (Тотенхем).

Обрана: Франческо Ачерби (Интер), Алесандро Бастони (Интер), Раул Беланова (Торино), Алесандро Буонџорно (Торино), Рикардо Калафиори (Болоња), Андреа Камбијасо (Јувентус), Матео Дармијан (Интер), Џовани ди Лоренцо (Наполи), Федерико Димарко (Интер), Џанлука Манчини (Рома), Џорџо Скалвини (Аталанта).

Среден ред: Николо Барела (Интер), Брајан Кристанте (Рома), Николо Фаџоли (Јувентус), Мајкл Фолоруншо (Верона), Давиде Фратези (Интер Милан), Жоргињо (Арсенал), Лоренцо Пелегрини (Рома), Самуеле Ричи (Торино).

Напад: Федерико Киеза (Јувентус), Стефан Ел Шарави (Рома), Рикардо Орсолини (Болоња), Џакомо Распадори (Наполи), Матео Ретеги (Џенова), Џанлука Скамака (Аталанта), Матија Закањи (Лацио).

- Оглас -

Најнови вести