Фудбалската репрезентација на Италија се подготвува за вакцинирање пред Европското првенство. Селекторот Роберто Манчини состави листа од 35 потенцијални фудбалери кои ќе ги повика за континенталниот турнир, а како што известуваат медиуми од Чизмата, ќе се користи вакцината „Модерна“.
Оваа одлука предизвика контроверзи во Италија, бидејќи голем дел од жителите уште немаат примено вакцини. Само 10% од населението е комплетно вакцинирано, околу шест милиони луѓе, додека речиси 20 милиони примиле само една доза и чекаат ревакцинација. Тоа значи дека 34 милиони жители воопшто не се вакцинирани, од кои повеќето се луѓе во ризичната старосна категорија.
УЕФА во меѓувреме не врши притисок како КОНМЕБОЛ околу вакцинирањето, но ги охрабрува федерациите да обезбедат вакцини за своите репрезентативци со цел ЕП да се одвива непречено. Кога веќе се спомнува јужноамериканската федерација, сите учесници на претстојното Копа Америка натпреварување мора да бидат вакцинирани.