Аѕурите веројатно без капитенот ќе се борат за четвртфиналето против Австрија

Капитенот на Италија, Џорџо Кјелини, веројатно ќе го отседи на клупа и осминафиналниот дуел против Австрија, кој е закажан за 26 јуни на „Вембли“ во Лондон. Кјелини тренираше изминативе денови, меѓутоа прашање е дали 36-годишниот стопер може да ги издржи напорите цели 90 минути.

Кјелини се здоби со ситна повреда на колкот во воведните 20 минути од дуелот против Швајцарија, кој Италија го доби со 3-0, по што мораше да го пропушти мечот против Велс во последното коло. И без него, тимот на Манчини успеа да ја сочува мрежата, додека во првиот меч од нокаут-фазата италијанскиот селектор нема да смета ниту на десниот бек Алесандро Флоренци.

Уште една главоболка за Манчини е што ќе мора да бира меѓу откровението на ова ЕП, Мануел Локатели, и клучниот играч за врска Марко Верати, кој одигра добра партија против Велс и оправдано конкурира за место во стартните 11.

- Оглас -

Најнови вести