Фудбалерите на Ливерпул би требало да добијат големо засилување во новата сезона со германскиот репрезентативец Флоријан Вирц, но на „Енфилд“ сè уште не е постигнат конечен договор, иако се смета дека тој е „многу блиску“ до трансфер.
Вирц одбил бројни понуди само за да премине во Ливерпул и го прифатил договорот што му го нудат Црвените, но Баер Леверкузен сè уште не е целосно задоволен од понудата на новиот шампион на Англија.
Најверојатно Ливерпул понудил околу 120 милиони евра, но во Леверкузен сметаат дека тоа е малку и се надеваат дека зделката ќе се заврши за сума над 150 милиони.
Дополнително, сега се појавила идеја за размена меѓу Ливерпул и Баер Леверкузен за трансферот на Флоријан Вирц откако втората понуда била одбиена. Германските медиуми откриваат дека можен е напредок во преговорите преку договор „пари плус играч“, при што Баер има идеја да ги вклучи Харви Елиот или Џарел Квансах во договорот за Вирц.
Елиот и Квансах во последните месеци се силно поврзувани со заминување од „Енфилд“ бидејќи беа споредни играчи во тимот под водство на Арне Слот во неговата дебитантска сезона во која ја освои Премиер лигата.
Многу е веројатно дека Ливерпул ќе испрати двајца играчи во Германија, а остатокот од трансферот ќе биде исплатен во пари. Сепак, преговорите продолжуваат пред да се постигне конечен договор.
Најважно за Ливерпул е што Флоријан Вирц има силна желба да дојде во клубот, но и што Баер Леверкузен сака трансферот да се реализира пред почетокот на Светското клупско првенство.