Баер Леверкузен без проблеми против „фенерџијата“, Хари Кејн испишува историја во Баерн Минхен

Баер Леверкузен останува лидер во германската Бундеслига, откако без многу проблеми со 2:0 победи на гостувањето кај Дармштат, во меч од 20 коло. Ова беше дуел на лидерот и фенерџијата на табелата, па повеќе од очекувано беше трите бода да завршат на контото на Фармацевтите. Натан Теља беше стрелец на двата гола, по еден во двете полувремиња, па Баер имаше мирно попладне на теренот на Дармштат.

Баерн на својата „Алијанц Арена“ во Минхен немаше проблем против Борусија Менхенгладбах и победи со 3:1. Гостите први постигнаа гол преку Елведи во 35 минута, а Павловиќ израмни на 1:1 во последните моменти од првото полувреме.

Пресвртот на Баерн Минхен го комплетираше Хари Кејн кој даде гол за 2:1 во 70 минута, додека сите дилеми околу победникот беа решени кога Матијас де Лихт стрелаше прецизно со глава на четири минути пред крајот.

Кејн сега има 24 погодоци сезонава што е втор најдобар скор во историјата на Бундеслигата за играч кој игра дебитантска сезона. Само легендарниот Уве Селер во далечната 1963-64 како дебитант во Бундеслигата успеа да постигне 30 погодоци, што е следна цел на англискиот голгетер.

Три бода освои и Штутгарт и тоа на гости кај Фрајбург, победувајќи со 3:1. Мајнц дома загуби од Вердер со 0:1, а Бохум и Аугсбург ремизираа 1:1.

На чело на табелата Баер Леверкузен сега има 52 бодови, пред Баерн Минхен со 50, а трет е Штутгарт со 40 бодови.

 

- Оглас -

Најнови вести