Баер Леверкузен без многу проблеми со 2:0 победи на гостувањето кај Аусбург и на најдобар можен начин ја комплетираше 2024 година, барем кога се работи за натпреварите на гостински терен во домашното првенство. Фармацевтите уште во првото полувреме постигнаа два гола и потоа рутински ја чуваа предноста и стигнаа до трите бода.
Со овој меч завршија гостувањата во првенството за Баер Леверкузен во 2024 година. Актуелниот германски првак направи подвиг затоа што ниту еднаш во оваа календарска година не загуби на гостински терен во Бундеслигата. Претходно, низ историјата во германското првенство ваков подвиг му успеало само на Баерн Минхен и тоа два пати. Првиот пат Баерн имал календарска година без пораз на гости во Бундеслигата во 1986 година, а вториот пат тоа било во 2013 година. Сега и Баер Леверкузен може да се пофали дека во 2024 година немал ниту еден пораз на гости во првенството.
Баерн Минхен денеска загуби на гости и тоа кај Мајнц со 2:1. Делува неверојатно, но за Баерн ова е четврти пораз во последните пет лигашки гостувања кај Мајнц. Ниту еден друг клуб во Германија во моментов не може да се пофали дека има четири победи од последните пет меча на свој терен во првенството против најтрофејниот германски клуб.