-0.2 C
Skopje
сабота, 20 декември 2025

Баер Леверкузен со пресврт му го нанесе првиот пораз дома на Лајпциг (Видео)

Фудбалерите на Баер Леверкузен остварија голема победа на гостувањето кај Лајпциг, совладувајќи го домаќинот со 1-3 во дербито од 15-тото коло на германската Бундеслига.

Со овој триумф Фармацевтите се израмнија со Лајпциг на табелата, двата тима сега имаат по 29 бодови, но Баер Леверкузен се искачи на третото место благодарение на подобрата гол-разлика.

Лајпциг подобро го отвори мечот и во првите 30 минути имаше иницијатива во динамичен и отворен фудбал. Притисокот вроди со плод во 35-тата минута, кога Шлагер постигна одличен гол, по силен продор, излезе од шеснаесетникот, се намести на левата нога и со прецизен удар од околу 16 метри ја затресе мрежата за 1-0.

Кога се чинеше дека Биковите се на пат кон победа, следуваше целосен пресврт уште пред паузата. Во 40-тата минута Артур упати совршен центаршут од десната страна, а Терие со атрактивен удар со глава израмни на 1-1.

Само четири минути подоцна, Баер Леверкузен направи целосен пресврт. Тела одлично ја прими топката на средината од теренот, повлече контранапад и со прецизно додавање го пронајде Патрик Шик. Чешкиот напаѓач со финта го исфрли од игра Коста Недељковиќ и одблиску погоди за 1-2.

Во второто полувреме и двата тима создадоа неколку зрели шанси, но одлуката падна длабоко во судиското надополнување. Во седмата минута од дополнителното време, домашните бараа пенал поради игра со рака на Андрих, но во продолжението на акцијата Баер Леверкузен изведе брза контра и младиот Каулбрет, на своето деби во Бундеслигата, погоди за 1-3.

Судијата потоа ја прегледа спорната ситуација за евентуален пенал, но по ВАР-проверката одлучи дека голот е регуларен, па гостите заслужено славеа победа со два гола разлика.

Ова воедно е и првиот домашен пораз на Лајпциг во тековната сезона во Бундеслигата.

- Оглас -

Најнови вести