Жоао Палиња би можело да го напушти Баерн Минхен само по една сезона во клубот. Според информациите од Германија, баварскиот клуб се подготвува да го продаде португалскиот дефанзивен играч за врска по завршувањето на сезоната.
Баерн му плати 51 милион евра на Фулам за Палиња минатото лето, но не го доби тоа што го очекуваше. И покрај неговата борбеност и искуство, Палиња не успеа да се наметне под водство на Венсан Компани, кој во него гледа само како резервна опција во средниот ред.
Во досегашниот тек од сезоната, Португалецот настапи на 21 натпревар во сите натпреварувања. Баерн веќе го има договорено пристигнувањето на Том Бишоф од Хофенхајм, што ќе ја зголеми конкуренцијата во средниот ред, а тоа најверојатно значи и заминување за Палиња.
Иако на „Алијанц арената“ се надеваат дека ќе можат да вратат барем дел од вложената сума, сè уште не е познато дали ќе се појави клуб заинтересиран да плати блиску до таа вредност. Палиња, од своја страна, не се откажува, тој сака да се избори за своето место во тимот, но шансите за тоа изгледаат сè помали.