Баерн Минхен ја задржа предноста од четири бода пред најголемиот ривал Борусија Дортмунд по одиграното прво коло во ерата на корона-вирусот. Баварците со 2:0 победија во Берлин проитв Унион, а тоа беше доволно да се постави нов рекорд во германското првенство.
Најтрофејниот германски клуб сезонава не започна најдобро, па беше направена тренерска смена. За предводник од клупата беше поставен Ханси Флик и тоа се покажа како одличен потег. Под водство на Флик, Баерн само на 16 меча успеа да стигне до 50 погодоци, нешто што не му успеало на ниту еден друг тренер во историјата на Бундеслигата. Со Флик како предводник, Баерн дава повеќе од три гола на меч.
Освен одличната реализација во првенството, на Баерн му оди перфектно и во Лигата на шампионите затоа што има предност од 3:0 против Челзи,по првиот меч во осминафиналето од елитната лига на УЕФА.