Баерн Минхен е опасен и кога ситуацијата изгледа безизлезна за шампионот, а играчите го потврдија победничкиот менталитет и на „Шварцвалд арената“ во Фрајбург.
До 92-рата минута мирисаше на сигурно реми, 1:1, но гостите тогаш додадоа гас и со два гола во судиското продолжение победија со 3:1.
Тинејџерот Џошуа Ѕирке го постигна водечкиот гол во 92-рата минута, а Серж Гнабри само стави печат на новиот бундеслигашки триумф на Баерн со погодок во 95-тата минута.
Чудото на денот сепак го режираа популарните Јарци од Келн со невиден пресврт во Франкфурт. Ајнтрахт водеше со 2:0 по половина час, а Хинтерегер и Пасиенсија најавија убедлива победа на Орлите, но тогаш почна чудесниот пресврт на гостите.
Келн постигна четири гола по ред и победи со 4:2. Репрезентативецот Јонас Хектор намали во финишот на полувремето, а потоа со голови му се приклучија и Борнау, Дрекслер и Јакобс.
Вредна победа забележа Борусија Менхегладбах против Падерборн. Домашните славеа со 2:0 и повторно се на врвот со 34 бода, колку што има и Лајпциг. Волфсбург и Шалке 04 ремизираа 1:1, а од 18.30 часот Херта славеше на „Бај арената“ во Леверкузен против Баер со 1:0.