Баерн испрати анти-расистичка порака, и гази безмилосно, на пат да го урне голгетерскиот рекорд

Баерн Минхен повторно демонстрираше моќ во Бундеслигата, попладнево пред налетите на баварците настрада Баер Леверкузен, кој беше совладан со 4-2. Иако Фармацевтите поведоа, уште на полувреме Баерн водеше со 3-1, па немаше дилеми кој ќе ги освои бодовите.

Еден од погодоците за Баерн беше дело на Роберт Левандовски, што за Полјакот е 30-ти гол сезонава во Бундеслигата, и тој е лидер во трката за Златна копачка на Европа. Левандовски сезонава во сите натпреварувања има дадено 44 гола и ова е рекорд во неговата кариера. Единствено лоша вест за него е што доби петти жолт картон и суспензија, па нема да игра во следното коло.

За истакнување е и искусниот Томас Милер кој има дури 20 асистенции сезонава и тоа е изедначување на рекордот на Кевин Де Бројне од 2014/2015. Баерн сезонава има дадено 90 гола што е рекорд после 30 кола во Бундеслигата, но треба да даде уште 12 во останатите четири кола, за да станат најефикасен тим на сите времиња, според бројот на погодоци во една бундеслигашка сезона.

Екипата на Баерн која има низа од девет победи по ред, на гостувањето кај Леверкузен играше со црни ленти со кои даде поддршка за Афро-Американците во борбата против расизмот.

Мајнц го доби соседското дерби против Ајнтрахт со 2-0, а кај тимот од Франкфурт, Јапонецот Макото Хасебе го имаше 309-тиот настап во Германија, со што стана азиски рекордер.

 

 

- Оглас -

Најнови вести