Челзи ги осигури услугите на талентираниот Калум Хадсон-Одои до 2024 година. Преговорите кои траеја со месеци, вродија со плод, а 18-годишниот офанзивец, кој во јуни дебитираше за сениорите на Англија, стави потпис на петгодишен договор, според кој ќе заработува 100.000 фунти неделно. Солидна сума за играч кој допрва треба да го заслужи местото во стартниот тим на Лампард.
Со оваа склучена соработка извиси Баерн Минхен. Германскиот првак уште во јануари годинава во неколку наврати се обиде да го ангажира талентот на Челзи, а нивните понуди кои достигнаа до 40 милиони евра без размислување беа одбиени.
„Во Челзи сум од мојата осма година, ова е вистинскиот клуб за мене и среќен сум што уште долго ќе ги бранам овие бои“, истакна Хадсон-Одои при потпишувањето на новиот договор.
Хадсон-Одои на 16 години доби шанса да дебитира за првиот тим на Челзи, а дури минатата сезона запиша посериозна минутажа, пред сè, во Лигата на Европа, каде што постигна четири гола и две асистенции на девет меча.
https://twitter.com/ChelseaFC/status/1174740095783641088?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E1174740095783641088&ref_url=http%3A%2F%2Fsportklub.rs%2FFudbal%2FPremier-League%2Fa308665-Zvanicno-Celsi-blindirao-Hadson-Odoija.html