Баерн Минхен во Лигата на шампионите сезонава се сретна со Црвена ѕвезда и на двапати ја нокаутира, со 3-0 на „Алијанц“ и 0-6 во Белград. За тие дебакли се реваншираше кошаркарскиот колектив на Црвено-белите, кои вечерва ги надиграа Баварците со убедливи 93:63.
Час по кошарка си доби составот на Дејан Радониќ и беше јасно дека од српската престолнина ќе заминат разочарани и со наведнати глави. Домашниот тим уште на полувремето имаше +22 поени предност при резултат од 53:31, а разликата постепено се зголемуваше и во остатокот од средбата.
За осмата овосезонска победа на Ѕвезда во Евролигата, односно трета во низа, најмногу се истакна новото засилување Пантер со 15 поени, исто колку што постигна и Браун, додека по 13 поени постигнаа Штимац и Давидовац. Монро беше единствената светла точна во редовите на Баерн со 20 поени, Лучиќ заврши со 11 поени.