Трансферната политика на Баерн Минхен ова лето станува сè поизненадувачка. Германскиот гигант интензивно бара засилување за левата крилна позиција, но досегашните обиди за ангажман на Нико Вилијамс и Бредли Баркола беа неуспешни.
Сега фокусот е насочен кон Луис Дијас од Ливерпул, но и таа зделка изгледа компликувана и тешко остварлива. Поради тоа, Баварците веќе разгледуваат алтернативна опција, Леандро Тросар од Арсенал, објави реномираниот „Билд“.
Баерн го вклучил 30-годишниот белгиски репрезентативец на листата на потенцијални засилувања во случај да не се договори трансферот на Дијас. Дополнително, Тросар на почетокот на јули го смени менаџментот и сега е претставуван од германскиот агент Дирк Хебел, што би можело да ги олесни преговорите со Баерн.
Тросар пристигна во Арсенал во јануари 2023 година од Брајтон и досега има одиграно 124 натпревари за Топчиите, постигнувајќи 28 голови.
Тој има договор со Арсенал до летото 2026, но во Лондон не е незаменлив стартер, па трансфер во Баерн би можел да биде нов предизвик за искусниот офанзивец.
Доколку не успее ангажманот на Луис Дијас, останува да се види дали германскиот шампион ќе го искористи моментот и ќе го донесе Тросар во Минхен.