Дуелот меѓу европските гиганти Барселона и Баерн Минхен е дербито на денот во Лигата на шампиони. Овие два клуба заедно имаат освоено 11 европски титули (Баерн има 6, Барселона 5) и тие секогаш се меѓу екипите од кои може да се очекува да стигнат далеку во ЛШ.
Сепак, кога се работи за меѓусебните дуели Баерн Минхен доминира. За Барселона уште болно делува поразот на „Камп Ноу“ од пред четири години, кога Баерн победи со неверојатни 8:2. Интересно е дека на тој меч, тренер на германскиот гигант беше Ханси Флик кој сега е предводник на Барселона.
Во последните пет години овие два клуба играле пет пати и Баерн Минхен имаат истотолку победи со гол разлика од 19 дадени и само два примени голови. Доминацијата на Баерн трае и ако се погледнат последните 10 дуели, па баварците имаат девет победи, а Барселона има само една радост. Вкупната гол разлика е 31:7 во корист на Баерн Минхен.
Барселона сезонава игра одлично, Ханси Флик создаде добар тим, но останува да се види дали ќе успее да го надмине кошмарот наречен Баерн Минхен.