Баерн Минхен вечерва може да слави титула

Додека Англија и Италија уште чекаат да започнат со рестартот на сезоната, а Шпанија викендов ќе го комплетира првото коло по пауза од три месеци, во Германија се подготвува шампионско славје. Најтрофејниот клуб во земјата, Баерн Минхен е на прагот на освојување на уште една титула.

Германскиот гигант беше лидер во Бундеслигата и пред паузата поради поради Коронавирусот, но по враќањето, покажа дека е најдобро подготвен и едноставно спремен за нови радости. Во досегашните пет одиграни кола, Баерн е единствениот тим во Германија кој има максимални пет победи, па токму затоа разликата пред второпласираната Борусија Дортмунд е седум бодови. Милионерите кикснаа само еднаш и тоа токму во дербито против Баерн, кога во Дортмунд беа поразени со 1:0.

Тој пораз на Борусија како да беше знак дека трката за титулата е решена. Денеска се играат мечевите од 31. коло во Бундеслигата, а Баерн може и теоретски да го завери тронот. Баварците на свој терен во Минхен играат дерби против Борусија Менхенгладбах, која се бори за место кое води излез во Лигата на шампиони.

Неколку часа претходно Борусија Дортмунд гостува кај Фортуна Дизелдорф. Ако Борусија загуби на ова гостување, а потоа Баерн ги освои трите бода во Минхен против гостинот од Менхенгладбах, разликата меѓу првиот и вториот на табелата ќе биде дури 10 бодови на три кола до крајот, што ќе значи дека Баерн и официјално ќе ја одбрани титулата.

 

- Оглас -

Најнови вести