Баерн Минхен во офанзива по потписот на Сане

Раководството на Баерн Минхен е пред тешка задача да најде адекватни замени за Франк Рибери и Арјен Робен, кои по крајот на сезоната во Бундеслигата ќе ја напуштат „Алијанц арената“. Но, се чини дека барем за еден од ветерните, Баварците најдоа замена, и тоа во редовите на англискиот првак Манчестер сити.

Имено, Баерн доби зелено светло да започне преговори со Лерој Сане. Германското крило ја загуби довербата кај Пеп Гвардиола во изминативе неколку месеци и многу често натпреварите во Премиер лигата ги започнуваше од клупата. И покрај тоа, Сане оствари солиден учинок во англискиот шампионат, на 31 натпревар реализираше 10 гола и 11 асистенции, заедно со Еден Азар од Челзи беа единствените двајца играчи со двоцифрен учинок во двете категории. Но, она што на Пеп му смета е односо на Сане. Тој е премногу релаксиран и не се залага доволно на тренинзите, додека пред извесно време одби да го продолжи договорот со клубот.

Засега нема конкретна понуда од Баерн, прво ќе треба да ги договорат личните услови со Сане, додека за сумата на трансферот ќе се преговара дури потоа.

Инаку, Манчестер сити за неговите услуги му исплати 50 милиони евра на Шалке во летото 2016 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести