Баерн по кратка постапка стана рекордер во Лигата на шампионите

Германската машинерија, Баерн Минхен веќе урна еден рекорд во Лигата на шампионите, а може уште еден и тоа по кратка постапка.

Баварците ја демолираа Барселона со 8:2 во перфектен меч за нив на „Луж“ во Лисабон и си го покачија просекот на голови на 4.33 по меч во ова издание на Лигата на шампионите.

Просек што е за восхит во најтешкото клупско натпреварување на планетата каде играат врвни екипи, но за Баерн сезонава не се најде одбрана што ќе им се спротивстави посериозно.

Дури и да не постигнат погодок до крајот на натпреварувањето, а можат максимум да одиграат уште два меча, полуфиналето и финалето, избраниците на Ханси Флик ќе имаат просек од 3.54 голови по натпревар. И со тој просек ќе бидат рекордери во историјата на ЛШ.

Вториот подвиг, ако успеат да стасаат до него ќе биде уште позначаен, бидејќи се работи за скаретн систем на натпревари.

Баерн досега вкупно постигна 39 гола и може да го урне рекордот на Барселона од сезоната 1999/2000, кога Каталонците постигнаа најмногу погодоци досега, дури 45.

Но, тогаш од осминафиналето се играа двомечи, што е стандарден формат во ЛШ, а сега во нокаут фазата од четвртфиналето се игра само по еден меч. Тоа значи дека ако Баерн постигне уште 7 гола до крајот на овој циклус на натпревари во ЛШ ќе биде рекордер и тоа по кратка постапка, односно со помалку мечеви, од тимот на Барселона пред 20 години.

 

- Оглас -

Најнови вести