Со продавањето на Роберт Левандовски, Баерн Минхен го загуби најдобриот напаѓач, но успеа да го доведе Садио Мане од Ливерпул. Според најавите, доаѓањето на Мане е само најава за уште едно големо засилување кое треба да пристигне во германскиот гигант и тоа треба да се случи следното лето.
Најавите се дека најголемата ѕвезда на Тотенхем, Хари Кејн ќе направи трансфер во Баерн Минхен. Кејн игра фантастично, но во кариерата нема освоено ниту еден трофеј со Тотенхем. Токму тој факт треба да биде мотив за голгетерот да ја смени средината.
Кејн има договор со Тотенхем до јуни 2024 година, а ова лето Манчестер сити сакаше да го купи, но лондонскиот тим побара 150 милиони евра за трансфер. Оваа сума беше преголема за Граѓаните и се откажаа.
Според германскиот весник Билд, планот на Баерн е да чека до следното лето кога договорот на Кејн со Тотенхем ќе влезе во последната година и тогаш ќе може да се разговара за многу помала сума за трансфер.
Das ist Bayerns Transfer-Strategie für Harry Kane @BILD https://t.co/zeMF7DG9AS
— Christian Falk (@cfbayern) July 22, 2022
Челниците на Баерн уште сега направиле договор со агентот на Кејн и првите реакции биле позитивни, па нема да биде изненадување ако капитенот на англиската репрезентација направи трансфер во Германија.