Баерн Минхен продолжува победнички низ Бундеслигата без ниту еден погрешен чекор. Актуелниот германски шампион ја запиша осмата последовна победа во сезоната, совладувајќи ја Борусија Менхенгладбах на гостински терен со убедливи 0-3.
Иако првото полувреме помина без голови, гостите во вториот дел ја покажаа својата вистинска сила. Џошуа Кимих го отвори резултатот, Рафаел Гереиро го зголеми водството, а младиот Ленарт Карл ја заокружи победата со својот втор погодок во само три дена, по оној против Клуб Бриж во Лигата на шампионите.
Баерн останува единствениот тим со максимални 24 бодови, цврсто на врвот на табелата.
Фудбалерите на Лајпциг одиграа маестрално и на гостувањето кај Аугсбург извојуваа една од најубедливите победи сезонава, 0-6.
Тимот на Марко Розе започна фуриозно и уште во првиот дел ја реши дилемата околу победникот со головите на Диоманде, Ромуло Кардосо, Нуса и Баумгартнер, заминувајќи на пауза со 0-4.
Во продолжението, Лајпциг безмилосно ја одржуваше иницијативата, а Уедраого и Лукеба ги поставија конечните 0-6.
На останатите натпревари, Хофенхајм на домашен терен беше подобар од Хајденхајм со 3-1, додека Ајнтрахт Франкфурт славеше против Сент Паули со 2-0.
Волфсбург извојува тешка, но вредна победа на гостувањето кај Хамбургер со минимални 0-1.

