Баерн продолжува да им тера инает на навивачите, Тухел сигурно останува тренер до крајот на сезоната

Незадоволството кај навивачите на Баерн Минхен е големо по дебаклот кој го доживеаја во саботата и поразот од 3-0 од Баер Леверкузен. Баварците сега заостануваат пет поени од најголемиот конкурент за титулата и лесно може да се случи по 11 години во серија да останат без трофејот во Бундеслигата.

„За иднината на Томас Тухел ќе се разговара на крајот од сезоната. Баерн во овој момент нема намера да го менува тренерот, но раководството разговара со него и бара што е можно поскоро да се средат работите“, пренесуваат германските медиуми.

Тоа значи дека Тухел останува тренер до крајот на сезоната, а ќе си оди само ако не ја освои Бундеслигата. Навивачите токму во тренерот гледаат најголема причина за лошите резултати, иако Баерн има најквалитетна и најскапа екипа во Германија.

Според шпекулациите, желбата на Баерн е следната сезона за тренер да го доведе токму Чаби Алонсо, тренерот на Баер Леверкузен, но тоа се чини како невозможна мисија во моментов, со оглед на тоа дека токму Шпанецот е најсериозен кандидат за наследник на Клоп во Ливерпул, клубот во којшто е вистинска легенда.

Од друга страна, германските медиуми наведуваат дека Жозе Мурињо сам се понудил да биде тренер, а започнал и да учи германски за да биде подготвен за предизвикот, доколку ја добие шансата од раководството на Баварците.

- Оглас -

Најнови вести