Баерн сам има повеќе титули од сите останати клубови заедно во Бундеслигата

Најтрофејниот германски клуб Баерн Минхен уште еднаш ја потврди доминацијата откако синоќа стигна до нова титула. Баварскиот гигант осма година по ред е шампион на Германија, нешто што не му успеало на ниту еден друг клуб никогаш.

За Баерн ова е јубилејна 30-та титула во Германија, а 29-та откако во 1963 година е формирана Бундеслигата. Интересно е што од формирањето на Бундеслигата, сите останати клубови имаат освоено 28 шампионски пехари, а Баерн сам има 29 трофеи, па првенството на Германија може и да се преименува од Бундес во Баернлига.

Освен овој рекорд на Баерн, синоќа во историјата на Бундеслигата се запишаа и двајца играчи на староновиот првак. Давид Алаба и Томас Милер стигнаа до деветтата титула во германското првенство и со тоа го израмнија рекордот на Франк Рибери.

Французинот Рибери лани реши да си замине од Баерн и потпиша за Фиорентина, а доколку останеше во Минхен, сега ќе беше првиот играч со двоцифрен број трофеи во првенството. Таква шанса може да добијат Милер и Алаба доколку останат и следната година во Баерн.

 

- Оглас -

Најнови вести