Баерн Минхен не успеа да слави на гостувањето кај Баер Леверкузен, играјќи 1-1 на „Бај Арена“ во еден натпревар кој ќе се памети уште долго во Германија.
Шампионот освои само еден бод на тешкото гостување, откако доби два црвени картони, а два погодоци му беа поништени. Сепак, на крајот може да биде задоволен, бидејќи во судиското надополнување ВАР го поништи погодокот на домаќинот за водство од 2-1.
Натпреварот не го завршија Николас Џексон и Луис Дијас, кои добија црвени картони, додека на Тах и Кејн им беа поништени голови.
Од спротивната страна, Хофман постигна погодок кој беше поништен за офсајд. Стрелци на головите беа Алеиш Гарсија за водство од 1-0 на Баер Леверкузен, и Луис Дијас за 1-1.
Борусија Дортмунд го искористи киксот на Баерн и на свој терен славеше убедлива победа над Аугсбург со 2-0. Милионерите до три бода стигнаа со по еден гол во двете полувремиња. Адејеми постигна во 13. минута, додека Реџиани погоди на стартот од вториот дел.
Три бода освои и Ајнтрахт Франкфурт, кој со еден погодок во 53-тата минута го совлада Хајденхајм, а стрелец беше Арно Калимуендо.
Голем бод во борбата за Лигата на шампионите освои Хофенхајм, кој во самиот финиш се спаси од пораз против Волфсбург. Константинос Кулиеракис го донесе водството за гостите, а конечните 1-1 ги постави Гриша Промел.
Со овие резултати, Баерн останува лидер на табелата со 67 бода, Борусија Дортмунд е на второто место со 58, додека Хофенхајм е трет со 50 бодови.

