Баерн урива рекорди во Бундеслигата, постигна најмногу голови во историјата (Видео)

Баерн Минхен сигурно чекори кон нова, јубилејна 35-та титула во Бундеслигата, а гостувањето кај Сент Паули донесе не само убедлива победа од 0-5, туку и историски рекорд по бројот на постигнати голови во една сезона.

Баварците ја оправдаа фаворитската улога и со рутинска игра стигнаа до три бода, со што повторно избегаа на +12 во однос на Борусија Дортмунд на пет кола до крајот. Титулата практично е веќе во нивни раце, а математичката потврда може да пристигне уште во следното коло.

Отпорот на домаќините траеше кратко. Во деветтата минута, по центаршут на Конрад Лајмер, Џамал Мусијала со глава ја отвори серијата. Баерн продолжи да доминира, а вториот погодок дојде на стартот од второто полувреме, кога Леон Горецка ефектно реализираше од непосредна близина.

Само минута подоцна, Мајкл Олисе прецизно погоди од работ на шеснаесетникот за 0-3, по што натпреварот целосно ја загуби неизвесноста. Домашните почнаа да грешат, што Баерн безмилосно го казни – Мусијала асистираше за Џексон за четвртиот гол.

Конечниот резултат го постави Рафаел Гереро во самиот финиш, крунисувајќи уште една доминантна партија на гостите.

Со оваа победа, Баерн стигна до 105 постигнати голови сезонава, поставувајќи нов рекорд во Бундеслигата, додека Сент Паули останува во тешка позиција и го очекува жестока битка за опстанок во преостанатите кола.

- Оглас -

Најнови вести