Ремито од 1-1 против ТСЦ Бачка Топола ја остави Црвена ѕвезда во непријатна ситуација, има 6 бода негатива зад лидерот Партизан по 12 кола во српската Суперлига.
По мечот, 150-200 навивачи влегле во соблекувална, имале состанок со играчите и стручниот штаб и најавиле радикализација ако се продолжи со слабите резултати во домашното првенство, кое според нив, се користи за воигрување за европските мечеви, а на тренерот Барак Бахар фигуративно му покажале жолт картон.
Многумина мислат дека Бахар треба да биде сменет и дека само прашање на време е кога ќе добие отказ, но клубот доцна синоќа одржал состанок и одлучено е Израелецот да остане на клупата, барем засега.
Бахар има договор до 2025 година и ако биде избркан, ќе треба да добие голема отштета, па затоа од клубот засега ќе го остават да работи.
Инаку, Ѕвезда точно пред 10 сезони исто така имаше шест бода помалку од Партизан, а на крајот стана првак на Србија. Само победа над Партизан може да ја врати Ѕвезда, но дербито е далеку, пред тоа немаат право на киксеви на домашна сцена, а мора да мислат и на дуелот со Јанг бојс ако сакаат европска пролет во Лигата на Европа.