Шпанија го декласира Бахреин со 33:23 во последниот меч од првото коло во нашата група и потврди дека е еден од фаворитите за медал, па и за титулата на ракометниот Мундијал.
Избраниците на Рибера рутински ја завршија задачата, а Бахреин не им беше дораснат противник. Шпанците рамномерно ги распределија силите и ги добија двете полувремиња со по пет голови разлика, за десетка на крајот.
Соле беше најефикасен кај победникот со 7 голови, Алекс Душебаев даде пет, а Гвардиола четири. Ал Сајад и Хабиб беа најистакнати кај Бахреин со по седум погодоци, а токму оваа селекција ќе н и биде противник, задутре во меч од второто коло во Б групата.
Сензација на стартот од натпреварите по групи избегна актуелниот светски првак Франција со тешка победа против Бразил. Триколорите се мачеа, но ги освоија бодовите со триумф од 24:22.
Потешко од очекувањата Мундијалот го почна и Шведска со победа од 27:24 против Египет. Норвешка одигра ефикасно и ефектно против Тунис и го декласира првиот ривал во Ц групата со 34:24.