Бајиќ е презадоволен од првата контрола во која Македонија загуби со 59-81

Драган Бајиќ по својот прв натпревар како селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија изјави дека е и повеќе од задоволен од тоа што го видел од своите пулени, иако Црвено-жолтите претрпеа убедлив пораз во пријателскиот меч против Црна Гора. Црногорците беа подобри со 81-59, а утре од 19 часот во „Јане Сандански“ овие два тима повторно ќе си ги одмерат силите.

„Со оглед на тоа дека ова беше нашата прва контролна средба, можам да бидам задоволен, дури и повеќе од тоа. Она што го барам од нив, момците го испочитуваа во првото полувреме. Во продолжението се почувствува онаа ‘ширина’ која Црна Гора ја има во ростерот во однос на нас. Се виде дека се на некои два-три степени погоре во однос на физичка сила, која и пресуди да бидат победници. Не гледам премногу на крајниот резултат, но сигурно е дека следува комплетна анализа на второто полувреме“, вели селекторот Бајиќ.

Предводникот на нашата најдобра селекција очекува подобри игри, особено кога и Џејкоб Вајли ќе го фати својот играчки ритам.

„Вајли се приклучи подоцна, во моментов тој е на некои 20-30% од онаа вистинска форма. Но знам дека како што ќе одминуваат деновите, така тој ќе ја пронајде и својата игра, не се сомневам во тоа. Момците имаа вистински пристап кон поставените задачи, особено во тоа прво полувреме кое треба да е насока за наредниот меч што ни следува со истиот противник. Видлива беше таа енергија кај нив, да бидат што е можно подобри во дуелите со физички посилните противници. Имаме добра атмосфера, која е потребна за турнирски систем  на натпреварување“, дополнува селекторот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести