Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Драган Бајиќ, најави дека ќе го подмлади составот откако остана без браќата Стојановски, Дамјан и Војдан и без Стојан Ѓуроски на подготовките за претквалификациите за Мундијалот во 2023 година.
Бајиќ е оптимист дека Македонија може да се врати на големите натпреварувања, а сонува за реприза од историскиот настап во Литванија, кога бевме четврти на Европското првенство.
„Сакам да ја подмладиме репрезентацијата, но тоа не значи дека во скора иднина не можеме да играме на големо натпреварување. Тоа беше планот и затоа и прифатив да бидам селектор на Македонија. Зошто да не се надеваме и на повторување на успехот од пред десеттина години. Имаме 16-мина кошаркари на првиот собир на репрезентацијата, имаме млад состав и амбиции да настапиме на СП или на ЕП“, изјави Бајиќ.
Македонија претквалификацискиот турнир ќе го одигра во Скопје против Швајцарија и Словачка. Пласман во квалификациите ќе обезбедат двете најдобри репрезентации во групата.