Бајрами го наследи Таневски, ќе ги спасува од криза Лавовите од Ѓорче Петров

Мухамед Бајрами е нов тренер на Македонија Ѓорче Петров и ќе се обиде да ја сопре серијата од пет меча без победа на популарните Лавови.

Александар Таневски си поднесе оставка по поразот од Брегалница со 4:1 во саботата, а кризата кај ѓорчепетровци трае долго. Немаат победа на пет меча по ред, од кои четири се порази и имаат само едно реми.

Бајрами беше дел од стручниот штаб под команда на Таневски, па раководството на Македонија одлучи да му даде шанса да биде главен тренер.

Новиот стратег има искуство во Првата лига и истовремено беше тренер и играч во Шкупи малку повеќе од една година, а во Македонија Ѓ.П. пристигна ова лето.

Прв предизвик ќе му биде мечот од осминафиналето во македонскиот куп против Академија Пандев во Струмица на 20 октомври. Потоа за Бајрами следува дебито на клупата на Македонија Ѓорче Петров во Првата лига, против Струга на домашен терен на 24 октомври.

Лавовите од Ѓорче Петров моментно со 10 бода од 10 натпревари се во опасната зона за испаѓање на деветтото место во конкуренција на 12 прволигаши.

 

- Оглас -

Најнови вести