Бакс падна на психолошкиот тест, „рептилите“ на чекор од големото финале

Торонто репторс и трети пат едноподруго го совлада Милвоки бакс, но овојпат на гости, со 105-99, и дојде на чекор од пласман во големото НБА финале. Канадскиот тим никогаш не бил учесник во големото финале, и сега има историска прилика.

„Елените“ не успеаја да го одбранат домашниот терен како на првите две средби од оваа серија, а клучна беше последната четвртина која Репторс ја доби со 33-24. Човек на одлука беше крилото Каваи Ленард со 35 поени (15 во последниот квартал), девет асистенции и седум скока. Ленард има една титула (од 2014 година) и летоска дојде во Торонто како замена за Демар Дерозен, за да донесе шампионско искуство во клубот, и тој токму тоа го прави.

Ван Влит имаше 21 поен, Лаури 17, а Сиакам 14 поени и 13 скока. Кај Милвоки кој првпат сезонава загуби трипати по ред, и првпат загуби меч на кој водеше после три четвртини, Јанис Адетокумбо уфрли 24 поени, Бледсо 20, а Брогдон 18 и 11 скока.

Во ноќта сабота кон недела, Торонто на свој терен ја има првата меч-топка.

- Оглас -

Најнови вести