Балканот ракометно ќе се обедини: Регионалната лига ќе стартува од 2027 година

Претставници на ракометните сојузи на Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, но и претставници на водечките клубови од овие земји, одржаа состанок во Скопје на кој тема беше Регионалната лига.

Присутните постигнаа компромис лигата да започне од сезоната 2027/2028, а следната сезона да се играат турнири кои ќе имаат пријателски карактер. Во машка конкуренција ќе учествуваат 10 екипи, по четири од Македонија и Србија, како и две екипи од Црна Гора.

Регионалната лига и во женска конкуренција ќе брои 10 екипи, но по две екипи од секоја земја.

„Претставници на ракометните сојузи и релевантни клубови од регионот одржаа состанок на кој беше постигнат значаен исчекор кон унапредување на регионалната соработка и развојот на ракометот.
На состанокот беше усогласено дека од сезоната 2027/28 ќе бидат формирани регионални лиги во полн формат, и тоа во двете конкуренции, со што се отвора ново поглавје во квалитетот на натпреварувањето, развојот на играчите и целокупната промоција на ракометот во регионот.
Во женска конкуренција, регионалната лига ќе опфати по две екипи од пет држави – Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија. Во машка конкуренција е предвидено учество на по четири клуба од Србија и Македонија, како и по два клуба од Црна Гора.
Како преодно решение, договорено е во сезоната 2026/27 да се организира натпреварување во скратен формат. Деталите и моделот на тоа натпреварување ќе бидат дополнително усогласени на наредниот состанок, кој ќе се одржи во Подгорица на 20 мај.
Учесниците на состанокот изразија големо задоволство од постигнатиот договор, со уверување дека регионалните лиги ќе донесат поголема конкурентност, атрактивност за публиката и дополнителен поттик за развој на ракометот во регионот.
Заклучено е дека ова претставува важен чекор кон создавање стабилен и квалитетен систем на натпреварување, кој долгорочно ќе биде од корист за клубовите, играчите и навивачите.“ – се вели во соопштението од Ракометната федерација на Македонија.
- Оглас -

Најнови вести