20.8 C
Skopje
понеделник, 25 август 2025

Балканскиот „терор“ во НБА продолжува: Јокиќ и Јанис со 40+ поени (Видео)

Откако Лука Дончиќ вчера постигна 60 поени во НБА-лигата, утрово свое шоу имаа уште двајца Балканци, Никола Јокиќ и Јанис Адетокумбо. Србинот Јокиќ постигна 40 поени, а имаше и седум скока и шест асистенции за Денвер, но неговата екипа во драматичен финиш загуби на гостувањето кај Сакраменто минимално со 127:126.

Токму Јокиќ го имаше шутот за победа на гостите, но Србинот во последната секунда промаши тројка и Денвер загуби.

Адетокумбо беше со уште подобар индивидуален учинок од Јокиќ, па грчкиот репрезентативец на крајот заврши со 45 поени, 22 скока и 7 асистенции, но неговиот Милвоки загуби на гостувањето кај Чикаго со 119:113, и тоа дури по петминутно продолжение. Кај Биковите херој беше Демар Дерозен со 42 поени, 10 скока и пет асистенции.

Лос Анџелес лејкерс продолжува со поразите, а овојпат тимот предводен од Леброн Џејмс загуби на гости кај Мајами со 112:98. Леброн имаше 27 поени, девет скока и шест асистенции во мечот кој беше 1.393-ти во регуларниот дел од сезоната на НБА-лигата, со што се најде на 10-тото место на вечната листа, прескокнувајќи го Тим Данкан, кој во кариерата имаше одиграно 1.392 натпревари во регуларниот дел од најсилната кошаркарска лига во светот.

Резултати: Детроит – Орландо 121:101, Вашингтон – Феникс 127:102, Атланта – Бруклин 107:108, Мајами – ЛА лејкерс 112:98, Чикаго – Милвоки 119:113 по продолжение, Њу Орлеанс – Минесота 119:118, Голден стејт – Јута 112:107, Сакраменто – Денвер 127:126.

- Оглас -

Најнови вести