Балканските проблеми стануваат опасни – Српски тандем не игра за Слован Братислава против косовскиот Фероникели

Двајцата српски фудбалери Дејан Дражиќ и Александар Чавриќ побараа и добија дозовола од раководството на словачкиот шампион Слован Братислава да не играат на двомечот со Фероникели од Косово во квалификациите за Лигата на Европа. Покрај нив, отсутен ќе биде и помошниот тренер Владимир Раденковиќ, а причината се знае, Србија не го признава Косово како држава.

„Ги повикуваме навивачите да ја сфатат ситуацијата и одлуката и на играчите, на тренерот, но и на клубот. Не ни беше лесно да донесеме ваква одлука, но мора да почитуваме одредени работи“, објавија од Слован.

Дражиќ и Чавриќ веројатно ќе беа и стартери на денешниот дуел во Братислава против Фероникели, клуб што од клупата го предводи нашиот тренер Зекирија Рамадан. На „Техелне поле“ ќе се игра од 18 часот, а ова не е прв случај на недоразбирање на фудбалски план меѓу Србија и Косово.

Проблеми поради балканскиот јазол имаше и Црна Гора, а селекторот Дејан Тумбаковиќ доби отказ откако одби да ги предводи Црногорците против Косово во квалификациски меч. На тој дуел не играа ниту Филип Стојковиќ и Мирко Иваниќ, кои се родени во Србија и одбија да се појават на теренот.

УЕФА има доста проблеми и со односите меѓу Русија и Украина, па тие две селекции не можат да играат во иста квалификациска група, исто како и Ерменија и Азербејџан, а и во двата случаи проблемите се политички.

Доста критики имаше за немоќта на УЕФА да ги разреши проблемите, па им се случи скандалозно отсуство на ерменскиот репрезентативец Хенрих Мхитарјан, кој не играше за Арсенал против Челзи во финалето на Лигата на Европа во Баку поради политичките проблеми на Ерменија и Азербејџан.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести