Контроверзниот италијански напаѓач Марио Балотели жали што Италија загуби од Македонија во Палермо и остана без место на СП во Катар, но смета дека ако тој бил во составот, Аѕурите ќе имале подобри шанси да дадат гол. Балотели му дава поддршка на Роберто Манчини да остане селектор.
„Ме боли поразот иако не бев повикан да играм. Можев да играм на СП, пропуштена е шансата, лошо е што Италија нема да биде на Мундијалот. Но, луѓето се сеќаваат на мене и ме спомнуваат само по пораз. Пред мечот никој не помисли на мене. Го гледав натпреварот со Македонија, имавме прилики за погодок, а јас сум прилично добар во близина на противничкиот гол. Тоа не значи дека со мене на терен сигурно ќе победевме, но ќе имавме поголеми шанси да постигнеме гол“, вели Балотели.
„Не сум разговарал со селекторот Манчини, но стојам зад него. Тој го освои Европското и среќен сум што останува селектор. Луѓето се разочарани, но не смее да се заборави што направи тој, заслужува да го води тимот и во иднина“, додава Балотели.